Жестока дебата и во Град Скопје – Арсовска најавува постапка за „заменски превозници“

Жестоко на улиците, жестоко и во Советот на Град Скопје. Напуштање седници, обвинувања, прашања без одговори.. Сликата од терен се префрли и на седницата во градското собрание. Од опозицијата инсистираат градот да предложи решение како јавното сообраќајно претпријатие ќе им ги исплати  90-те милиони денари на приватниците поради доспеани и неисплатени фактури.

  • Јас два пати ги повторив прашањата токму да избегнам ваква политичка тирада, ајде трет пат ќе го повторам прашањето поради тоа што немам одговор. Зошто досега не се исплатени 90 милиони денари до двата приватни провозници кои што произлегуваат од неспорни фактури, и кога ќе се исплатат и кога ќе се надмине овој проблем? Да сте се сретнале вие градоначалник или дел од вашите служби, ќе знаевте, но вие одбивавте да се сретнете што ми е малку чудно, бидејќи во кампања по два пати во ден се среќавте со претставникот на приватните автобуси вели Стефан Андоновски- Советник во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Сите фактури кон приватните превозници се исплатени, тврди директорот на Јавното сообраќајно претпријатие, Александар Стојковски.

  • Сите нивни фактури се исплатени од 1 јуни наваму. Сите фактури од 155 милиони денари се исплатени. Долгот кој ЈСП го има кон приватните превозници е нивно тековно побарување и доколку сметале дека им се пробиени роковите, можеле да поднесат опомена пред тужба. Договорите со нив се исти со права и обврски како што ги имале и во претходните години“ вели Стојковски.

Наместо да одговори на советничките прашања на кој начин приватните превозници фактурираат кон ЈСП за извршените услуги и колку картички се наплатени од приватните возачи на се издавале за нив фискални сметки, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска им порача на приватните превозници на суд да ги бараат пари, а градот вели ќе бара нови превозници преку оглас.

  • Си има договорни обврски, некој не ги почитува, некој престана да ги вози граѓаните и договорите се раскинати. Ќе има јавен повик за превозници и тие ќе можат да си ја остваруваат својата дејност чесно. Си има суд и таму преку тужба ќе се докажува кој кому му должи. Ние немаме опомена од приватните превозници, ниту тужба и така може да се реализира договорно право. Го поддржувам правото на протест, но единствените кои губат се граѓаните“, рече градоначалничката.

Имаше и советници кои ја напуштија седницата видно нервозни бидејќи не добиле одговор на прашањата.

  • Се откажувам од своите прашања, бидејќи не сакам да прашам и да ми кажуваат приказни зошто и како сум прашал. Апсолутно нема никаква култура на одговарање на прашањето. Прашањата до сега беа кристално јасни, на ниедно не се одговори. И немам да го губам времето, некој да ми чита договори кои сме ги прочитале. Јас сега ќе ја напуштам седницата и кога ќе бидете спремни да одговарате на прашања ќе дојдам на седница“ рече Пановски.

Арсовска поддршка за заменски приватни превоници доби и од првиот човек на ЈСП. Стојковски вели јавниот повик да биде склучен со индивидуални сопственици, а не со група превозници со што ќе се ставило крај на сомнежите.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста