Женско тело во црна кеса пронајдено во Горно Оризари

Покрај земјен пат, во нива, на влезот на скопското село Горно Оризари, вчера во попладневните часови маж пронашол безживотно тело на жена завиткано во црна пластична кеса. Трагичниот случај го потврдија од полицијата, но повеќе детали од таму не откриваат. Според неофицијални информации станува збор за убиство.

-Машко лице вчера, во 16:05 часот, пријавило дека на патот кон село Горно Оризари, додека извршувал работни задачи во нива во близина на патот, пронашол црна вреќа, во која имало човечки труп, велат од МВР.

По наредба на јавен обвинител надлежните го истражуваат случајот, а откако Судска медицина ќе ја заврши обдукцијата, ќе може да се соопштат повеќе детали околу смртта, идентитетот на жената, како и тоа дали трагите можеби ќе одведат кон можен извршител на убиство.

Фрлената жена случајно ја пронашол маж вработен во Комунална хигиена, кој случајот го пријавил во полиција. Од МВР информираат дека засега немаат пријава за исчезнато лице, ниту пак некаква дојава која би можела да помогне во идентификација на пронајдената мртва жена.

На патот кон скопското село Горно Оризари, меѓу мештаните познат како визбеговски пат било пронајдено безживотно тело на жена завиткано во црна кеса. Жителите на сакаа да говорат пред камерата и велат дека од нас прв пат ја слушаат информацијата за овој случај.

Матеја Петровски