Жежок септември во Македонија – Серија штрајкови и протести за повисоки плати и пензии

Пеколен септември ја чека власта. Низа штрајкови и протести за повисоки примања, веќе се најавени. Први со генерал штајк ќе почнат вработените во судската администрација. Протести за живот со пристојни плати ќе има и во здравството, мошне веројатно и во образованието, а финишот за изразување на незадоволство, ќе им припадне на пензионерите, кои не се откажуваат од барањето за линеарно покачување на пензиите.

Работниците го креваат гласот за повисоки плати. Сите од 1 септември најавуваат, како што велат, „жешка“ есен, поради ниските ниски примања и високите цени на се. По енормното зголемување на платите на функционерите за 78% и по растот на цените, врие од незадоволството кај работниците, од сите сектори во државата. Повисоки плати бара јавната администрација, здравството, судството, новинарите, медицинскиот персонал. Синдикатите најавуваат жешка есен со протести и штрајкови за обезбедување пристоен живот и за што поголем број работници да земаат достоинствена плата.

  • Со еден систем може да се воспостави ред, но тоа е после амандманот кој веќе го поднесовме до Собранието. Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10% од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите, вели за Алфа потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Иван Пешевски.

Последни во низата кои бараат повисоки плати и нормални услови за работа се вработените во образованието, кои не ја исклучуваат можноста стартот на новата школска година да почне со штрајк. Покрај платите, причина е и немањето учебници за децата од трето и шесто одделение.  

  • Станува збор за огромно незадоволство коешто преовладува во основните и средни училишта, како резултат на понудените ниски 10% од страна на владата преку општиот колективен договор. Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Револтот исто така е поради ниската потпросечна плата, а најголем е револтот на просветните работници поради непочитувањето на колективните договори“, вели за Алфа Томислав Гиевски од Независниот синдикат за образование и наука.

Протести најавија и вработените во здравството, кои бараат 30% повисока плата за сите, од хигиеничар до доктор.

  • На состанокот се реши дека има голем број аномалии во колективниот договор во врска со здравствените работници, со здравствениот административен персонал, со техничкиот персонал за коишто има потреба да се решат постепено“, изјави националниот координатор за независните синдикати за здравство, Боби Бојчевски.

Од септември, генерален штрајк најавија и вработените во судската администрација. Бараат покачување на платите од 30% . Освен кај работниците, ескалираше незадоволството и кај пензионерите, кои се крајно револтирани од огромното зголемување на платите на функционерите. Тие бараат линеарно зголемување на пензиите по 3.500 денари, а не процентуално од 6,8%, кое, како што рекоа, било понижувачки.

  • Земам 12.800 денари – не се живее со тие пари. И 3.500 денари се малку, барем 5.000 денари да ни зголемат. Ноќе умирам, дење воскреснувам: не знам каде парите најпрво да ги дадам – дали за струја, за вода или за ѓубре“, вели пензионерка која што учествуваше на протестот. 

Според последните пресметки на Сојузот на синдикати, на четиричлено семејство му биле потребни над 50.000 денари за да го истурка месецот, што значи, за да се преживее – потребни се две просечни плати, пари ретко кој ги зема.

Борис Грујоски

Advertisements