Жбогар до судиите и обвинителите: Време да видиме конкретна промена во судството

Време е да видиме конкретни промени во судството, владеењето на правото има влијание врз економијата, порача евроамбасадорот Самуел Жбогар по денешната средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

„На крајот на денот и покрај сите дискусии ние доаѓаме до владеење на правото поради тоа што и тоа има влијание врз економијата. Видовме напори што ги прави владата, парламентот и други институции за усвојување на законите и за приспособување на законодвството, меѓутоа сега веќе е време да видиме и конкретна промена во судството, а за тоа се одговорни судиите и обвинителите кои работат на случаите. Странските инвеститори, исто така, се многу важен сегмент од економијата и тие за своето функционирање бараат безбедност која всушност може да им ја понудат судовите и правосудниот систем чии што одлуки ќе бидат засновани на законите“, рече Жбогар.

На средбата е оценето дека процесите за соработка на шесте држави од регионот која ќе претставува основа за интегрирање во ЕУ се во напредна фаза. Се ценат, како што рече евроабасадорот, напорите на коморите за проектите што се спроведуваат со поддршка на европските фондови, за подобрување на регионалната соработка и за отстранување на пречките и проблемите.

МИА