„Еурокомпозитовци“ повторно изманипулирани ?!

Откако минатата недела по долги, претходни натегања, 130 работници од прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ кои го исполнуваа условот за технолошки вишок, си заминаа од фирмата, но со само еден документ, а без денар од ветената отпремнина, состојбата во Компанијата како се повеќе да се усложнува. Имено, денеска струјата повторно била исклучена, а останатите 100 вработени, по налог на директорот, вратени биле дома на неопределно време. Плата не е исплатена повеќе од два месеци, а за пензиското и здравственото осигурување не можело да стане ниту збор, истакна на денешната прес конференција, претседателот на Синдикалната организација, Роберт Богданоски.

Имајќи ги предвид сите овие околности, и стечајните работници, а и оние кои се уште се во работен однос, се закануваат дека повторно ќе одат на протест во Скопје, бидејќи, како што велат, се чувствуваат повторено излажани и изманипулирани.

Инаку, последните ветувања од Владата биле дека доколку си заминат овие луѓе како технолошки вишок, наводно веќе извесниот инвеститор ќе ги обесштетел и нив, а на компанијата ќе и обезбедел непречена работа, во што, „еурокомпозитовци“ се помалку веруваат.

 

Каролина Дурло