ЕСМ понуди за 16% повисока цена на струјата, РКЕ на потег, Владата смирува дека поскапување ќе нема

АД ЕСМ понуди за 16% повисока цена на струјата на тендерот на универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ. Сегашната цена од 48 евра за мегаватчас се зголемува на 56 евра. Ова била и единствената понуда на тендерот. ЕСМ се обврзал да покрие 100% од потребите за првите 6 месеци од 2023-та година. Затоа пак државните електрани понудиле пониска цена, односно 110 евра за мегават час место досегашните 143 евра за потребите за технички загуби во системот на Електродистрибуција.

„АД ЕСМ и понуди на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 56 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини. Оваа цена е за околу 16% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јули-декември 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 48 евра за мегаватчас“ – велат од ЕВН Хоум.

За конечната цена за граѓаните од први јануари треба да пресече Регулаторната комисија за енергетика. Одлуката најмногу ќе зависи токму од понудената цена на државните електрани, но и од цената на преносниот оператор МЕПСО, цената на операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција. Премиерот Ковачевски без одговор дали Владата ќе реши да го амортизира ударот кој би можел да пафне врз граѓаните. Само рече дека ценовен шок ќе нема. За оние кои најмалку трошат, односно потрошувачите во првите два тарифни блока ќе нема зголемување. Другите ќе имаат „посолени“ сметки за струја.

Владата со прераспределба на пари во буџетот одвои дури 40 милиони евра за да им ги покрие долговите за струја на државните институции. Ковачевски не открива од каде и колку се скратило и дали дополнително се чепнало од капиталните инвестиции. Не сакаше ниту да ги каже имињата на разрешените директори, кои ги направиле огромните долгови. Вели – од овој процес не сакал да прави сензација.

Ковачевски се обиде дури и да одбрани дел од директорите бидејќи цената на струјата во меѓувреме многу се зголемила, па имале оправдување зошто немале доволно пари за да платат повеќе за енергија. Сепак, ова не е докрај точно, бидејќи дел од милионските долгови се направени во периодот пред струјата да достигне астрономски размери. Во минатото често владите им ги покриваа долговите не само за струја, туку и по други основи на фирмите загубари,но и на другите кои несовесно работеа. Ниту сега, нема гаранција дека ова нема да се случи повторно, односно дека истите претпријатија нема да направат нови долгови.

Тања Попова

Advertisements