ЕСМ му понуди за 17% повисока цена на струјата на универзалниот снабдувач

Струјата дефинитивно ќе поскапи. ЕСМ му понуди на универзалниот снабдувач за 17% повисока цена на струјата. Државните електрани денеска одговорија на тендерот и понудија купопродажна цена од 48 евра за мегаватчас за покривање на 100% од вкупно планираните количини. Од ЕВН велат дека ова е повисока цена од онаа што на крајот на минатата година ЕСМ ја понуди од 41 за мегаватчас. Велат дека сега на потег е Регулаторната комисија за енергетика која треба да ја донесе конечната одлука.

„За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“ – велат од ЕВН.

Од ЕСМ потенцираа дека ќе произведат за да ги задоволат вкупните потреби на домаќинствата, како и техничките загуби во системите на ЕВН и МЕПСО. Тоа значи дека планираат производството да го зголемат за 20% годинава.

Преостанатите енергетски компании веќе ги доставија пресметките до Регулаторната комисија. Преносниот оператор МЕПСО побара најголемо зголемување од 68%, а Електродистрибуција дури 80%. Со понудата на ЕСМ се заокружуваат сите информации кои и се неопходни на Регулаторна да пресмета нова цена. Дел од нив ќе прифати, дел не, а колкаво ќе биде поскапувањето ќе се знае следната недела.

Претходно треба да биде објавен новиот тарифник кој предвидува 4 блока на потрошувачка, при што оние во последниот ќе плаќаат најскапа струја. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски најави дека ќе има поместување нагоре на границите кај блок тарифите, односно кај вториот и третиот блок во кој спаѓаат најголем дел од домаќинствата.

На стартот на годинава струјата поскапе за речиси 10%.

Тања Попова

Поврзани вести