ЕСМ го подновува возниот парк – 850 илјади евра за џипови и комбиња

Државните електрани среде енергетска кризна состојба возниот парк го подновиле со возила за кои одвоиле речиси 850 илјади евра. Преку четири јавни набавки минатиот месец на 15-ти и 16-ти РЕК Битола набила 16 возила од три фирми. Вкупно 8 Пежо експорт комби, секое по 36 илјади евра, за превоз на вработените, од кои две се за комбинатот во Битола, исто толку и за РЕК Осломеј и Хидро – електричната централа Црн Дрим. По едно возило за хидроенергетскиот систем Маврово и ХЕЦ Тиквеш.

Со втората набавка, РЕК Битола набавиле 5 Форд рејнџер XLT, во вкупна вредност од 190 илјади евра. Две од овие теренски возила ќе одат на адреса на ХЕЦ Треска и по едно за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј и ХЕЦ Маврово. Две Рено Д12 кои чинат 314 илјади евра се набиле за РЕК Осломеј, а Пежото боксер треба да се достави во Дирекцијата во Скопје.

  1. Пежо експорт комби  8 = 293 илјади евра
  2. Форд рејнџер XLT      5 = 190 илјади евра
  3. Рено Д 12                     2 = 314 илјади евра
  4. Пежо боксер               1 = 43 илјади евра

Од први ноември до првите 7 дена од декември, Државните електрани спровеле 49 јавни набавки тешки над 22 милиони и 300 илјади евра. Освен за ископ на јаглен, поправки и оддржување на далекуводите, од касата се одвоиле пари и за систематски преглед на вработените како и за погонски материјали и чистење на канцелариски материјали.

До сега, според информациите за оваа година од државната каса во буџетот на ЕСМ ќе прелеат 200 милиони евра. Со оглед на тоа дека во Македонија е прогласена кризна состојба, Владата може без пречки да им префрла пари на државните електрани.

ЕСМ пред почетокот на студеното време уверуваше дека ќе успее 100% да ги задоволи потребите на домаќинствата, тврдеа дека ќе работат сите три блока на РЕК Битола, како и ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино. Сепак, државните електрани никако да успеат да ги пуштат во погон сите производствени капацитети одеднаш и затоа секој ден, во просек трошат по околу 1 милион евра за увоз на струја.

Викторија Миткова

Advertisements