Ерупција на вулкан после земјотресот и цунамито во Индонезија

Пет дена после катастрофалниот земјотрес и цунами на индонезискиот остров Сулавеси во кои загинаа 1.234 луѓе, проработи и вулканот Сопутан.

Рано утрово се случи ерупција на вулканот кој се наоѓа во северниот дел на островот, на околу 600 километри североисточно од Палу, но нема извештаи за евентаулни жртви или причинета штета.

Во земјотресот беа уништени повеќе од 65.000 куќи, а раселени се повеќе од 60.000 луѓе на кои им е неопходна помош.

Времето истекува и за спасување на луѓето заробени во урнатините, па властите стравуваат дека бројот на жртви би можел да биде и поголем.

Претседателот Јоко Видодо денеска оди во втора посета на погодената област.

Најмалку седум карго авиони утрово слетаа на аеродромот во Палу носејќи повеќе тони хуманитарна помош. На авионите пишува „Помош за претседателот на Република Индонезија“.

Нови потреси регистрирани се на 1.600 километри јужно од областа погодена од силниот земјотрес и цунами на Сулавеси.

Американскиот геолошки институт соопшти дека првиот земјотрес бил со јачина од 5,9 степени, а вториот, со интензитет од шест степени, бил регистриран 15 минути подоцна.

На островот Сулавеси, кој се наоѓа во близина на Источен Тимор, живеат околу 750.000 луѓе.