Епидемијата на морбили во полн ек – надлежните апелираат граѓаните да се вакцинираат

Епидемијата на морбили во полн ек. Минатата недела биле дијагностицирани рекорден број на заразени со мали сипаници – 126 пациенти од кои 57 од Скопје, а 67 други градови во земјата. Според надлежните бројката на заболени била очекувана, но за да се стопира ширењето на болеста граѓаните кои не ја примиле МРП вакцина ќе мора да се имунизираат.

Меѓу заразените со мали сипаници имало и бремени жени, од кои едната, жена од штипскиот регион, го изгубила детето во шестиот месец од бременоста. Уште две трудници завршиле на Инфективната клиника, каде во моментов се лекуваат вкупно 43 заболени. Дополнително, 11 деца со морбили се згрижени во Детската болница. Од епидемијата на мали сипаници не куртулија ниту здравствените работници. Досега над 100 мадицински лица – матични лекари и специјализанти во разни клиники биле заразени со морбили. Од Институтот за јавно здравје препорачаа сите здравствени работници да се ревакцинираат.

Поради страв дека заразата и натаму ќе се шири, Комисијата за заразни болести во вторник ќе одлучи дали ќе се прогласи епидемија во цела држава. Во меѓувреме, веќе три месеци на влезовите во сите болници и клиники пишува забрана за посета поради епидемијата со морбили.

Од почетокот на епидемијата, на територија на целата земја се регистрирани 960 случаи на заболени од морбили.

Биљана Божиновска