Енергетска криза и рекордна инфлација – 2022-ра на економски план

Лошо започна, а катастрофално заврши годината што изминува. Владата на новиот премиер Димитар Ковачевски дојде во најголемиот ек на енергетската криза, кога струјата енормно поскапе, а сметките за граѓаните и фирмите „скокнаа“ нагоре. Уште во првите неколку дена, на Владата и се случи уште една криза, овојпат со парно греењето.

Незадоволството кај обичниот работник ескалираше. Синдикатот очекувано се дигна на протест.

Успешно. Се воведе повисока минимална плата од 18 илјади денари. Синдикатот и министрите здружено ги кренаа рацете во очекување стандардот да се зголеми, но наместо се засили инфлацијата главно предизвикана од војната во Украина.

Од ден на ден, на граѓаните им беше се потешко да ги следат поскапувањата. Џабе повисоките плати, кога повисоките цени им ги „изедоа“ парите.

Во 2022-та се повторија и сликите невидени од раните 90-ти – празни рафтови за зејтин и брашно, редици на бензинските пумпи и страв дека ќе ги снема основните артикли.

Владата во паника почна да носи низа мерки – ги замрзна цените на основните артикли, па се премисли и ги замрзна маржите, но ова го посакуваниот ефект а трговците почнаа да калукираат. Властите обвинуваа за воено профитерство но слабо казнуваа.

Се поплиткиот џеб, очекувано ги дигна работниците повторно на протести за поголеми плати.

Во екот на летото кулминираше револтот и кај земјоделците.

Граѓаните не можеа да сметаат повеќе на евтината дневна тарифа на струјата. Сметките пак се зголемија за 17%, еднаш поскапеа во јануари и уште еднаш во јули.

Додека цените растеа, бизнисот алармираше. Бараше помош , особено за што поевтина струја.

Клуч на врата им се закануваше на фирмите. Бизнисот никако не можеше да разбере зошто се штеди токму на оние што го полнат буџетот.

Времето „газеше“, но Владата тактизираше. Ужасно се доцнеше со се.

Со дотраени термоцентрали, надлежните уверуваа дека домашното производство на струја ќе било турбо и на максимум. Се пробија сите рокови за 100% активирање на сите капацитети. На министрите почнаа да им пречат и прашањата од јавноста.

Во потрага по гас, јаглен, мазут, струја, Владата во „5 до 12“ конечно се разбуди и тргна во роуд шоу во потрага по енергенси. Со ограничен успех.

По 8 месеци молење, откако поскапе се, Влада се смилува и ја субвенционираше струјата, но не за сите компании. Сепак, цените не се намалија.

И на крајот на годината наместо подадена рака, сатар од Владата за бизнисот. Со даночна реформа им ги укина олеснувањата но и најави кризен данок односно данок на екстра профит.

Зголемените давачки се камуфлираа со поскапи перки од ајкула и поевтини хигиенските влошки.

Додека министрите се честеа со морска храна, властите бараа граѓаните да штедат, зашто било криза.

Тања Попова

Advertisements