Енергетската иднина треба да се базира на обновливите извори на енергија

Мораме да се преориентираме кон обновливи извори на енергија, пред сè, на големите хидроелектрани, фотонапонските ќелии чија цена постојано опаѓа, како и ветерните електрани.

Другите извори на енергија ќе се користат сè помалку, а само до 2040 година ќе се користи и природниот гас, кој понатака ќе отпаѓа. Јагленот нема иднина во Европа, па и кај нас, зашто цената од емисите на гасови ќе биде толку висока што нема да биде конкурентна на пазарот на електрична енергија, рече академик Глигор Каневче на денешното предавање на Техничкиот факултет во Битола, посветено на Правците на енергетскиот развој во светот и кај нас, со посебен осврт кон РЕК „Битола“.

-Моја препорака е РЕК „Битола“ како основа, треба постепено да презема мерки за постепена преориентација и на други ангажирања и инвестиции, за да успее во еден период од наредните десет години да се преориентира со задржување на сите вработени, вели академик Глигор Каневче.

Меѓутоа, во моментов во РЕК „Битола“ имаат други приоритети. Поставување на елктростатски филтри на оџаците и натамошен развој на јагленокопите, со експлоатација на јамски коп во рудникот во Живојно, за што, деновиве ќе се промовира студија за експлоатација. Дури, неофицијално, во јавноста излезе информација дека Ципрас понудил и грчки јаглен за битолската термолектрана кој има многу повисока концентрација на сулфур. Но, академик Каневче, дава други препораки.

– Со оглед на овие нови текови, треба многу да се размисли и да се направи една детална техно- економска анализа, што понатака? Да не се случи некои инвестиции да бидат напразно фрлени, а да се искористат за нешто што ќе има подолгорочна перспектива, рече академик Каневче пред битолските новинари.

Засега, Македонија нема обврски за плаќање на такси за емисиите на ЦО2, зашто не е потписнича на Анекс- 1 од Енергетскиот договор, но во политиките на ЕУ каде се стремиме, еден ден тоа ќе се случи и тогаш ќе мораме од корен да ја менуваме сегашната енергетска политика. Тогаш може да биде доцна, рече академик Каневче на денешното предавање.

Петар Стефановски