Експерти: трошокот за пренос не смее да биде поголем од оној за струја

Можат ли граѓаните да плаќаат повисока цена за мрежарина, а помалку само за струја? Овие дилеми се отворија кај населението, откако ЕВН почна да доставува детални сметки. Енергетските експерти тврдат дека во никој случај трошокот за пренос не може да биде поголем од оној за основниот продукт – струјата. Сметаат дека ваквиот начин на презентација на сметките ги збунува граѓаните и отвора простор за кражби од страна на енергетските компании и тоа токму од оние кои уредно плаќаат. Овие пари биле чист профит за овие фирми.

Претседателот на Регулторната комисија вчера објасни дека не се работи за нова давачка во сметките за електрична енергија. Кога ќе се соберел трошокот за струјата како основен продукт и трошокот за мрежарина се добивала вкупната сума за струја, која од први јули е поскапена за 7,4% во просек. Сепак, призна дека мрежарината е поскапена. За пренос и дистрибуција сега се плаќало повеќе бидејќи требало да се покријат загубите на струја по нови повисоки берзански цени.

Ако се гледа структурата на сумата која просечен граѓанин треба да ја плати за струја, може да се види дека на сметка од 3.150 денари, најголем дел или 48,6% отпаѓа на трошок за пренос и дистрибуција, 41% само за потрошената струја, 5% ДДВ и 5,8% за комунална такса за јавно осветлување.

Инаку Македонија е меѓу земјите во кои учеството на мрежарината во вкупната цена на струјата е најголемо. Во Србија овој трошок за дистрибуција е сличен, 46%, додека само 26% отпаѓа на потрошената струја. Во рамки на Европската унија трошокот за дистрибуција е најголем во Унгарија – 45% во крајната цена за домаќинствата. Најмал е во Италија, под 20%. Таму самата струја има најголем удел во вкупната сума или 81%.

Тања Попова