Експерти: Со криење на информации Владата го засилува сомнежот дека прифатила штетен договор

Сака ли власта одговорноста за евентуалното прифаќање на Францускиот предлог да ја префрли кај народните избраници? Без да донесе макар и мислење на владината седница кабинетот на Ковачевски само ја проследи информацијата за преговарачката рамка . Народните избраници со три страници хартија од целиот Француски предлог и без увид во протоколот со Бугарија кој владата по никоја цена не го објавува, ќе треба да гласаат заклучоци. Експертите се на линија дека Владата сака да ја рашири одговорноста за одлуката, односно да ја префрли кон законодавниот дом.

Доставувањето на информацијата од Владата за која треба да расправаат пратениците во Собранието, според мене,  преставува обид да се дисперзира одговорноста и да се изгради некаков консензус. Сепак јавноста и пратениците регираат околу текот на настаните поврзани со Францускиот предлог, како и околу карактерот и должината на информацијата која што Владата ја достави до пратениците вели професорот Спасеновски за Алфа.

Собранието односно народните избраници по пленарната седница можат да донесат заклучоци, но истата може да заврши и без изгласување на заклучоците вели професор Спасеновски. Како ќе заврши таквата пленарна седница зависи од тоа колку пратеници ќе кренат рака ЗА заклучоците во однос на Францускиот предлог и дали седницата ќе заврши во најдобар ред и без инциденти. Ама пред се Владата треба да ги обелодени сите документи за кои преговара вклучително и Протоколот со Бугарија вели професорот.

Во моментов државата се наоѓа пред сериозна раскрсница и треба да донесе одлуки кои ќе имаат силен одраз во иднината. И затоа сметам дека е многу значајно не само партиите, не само пратениците во Собранието, туку и целата јавност да биде запознаена, да ги има сите неопходни информации за да може да се донесе најисправната одлука. На ваков начин, со криење на инфомациите мислам дека дополнително се засилува сомнежот во јавноста дека е нешто договорено, што не оди во прилог на она што се нарекува интереси на државата и нејзините граѓани вели професорот Спасеновски за Алфа.

Собраниски извори за Алфа брифираат дека следната недела, најверојатно во четврток францускиот предлог ќе биде ставен на разгледување на пленарна седница пред пратениците. Собранискиот спикер Талат Џафери не најави кога би ја ставил оваа точка на дневен ред, но нашите информации велат дека прво ќе се оди на тоа да помине седницата за ребалансот на буџетот која е закажана за во понеделник, а  може да трае најмногу пет дена.

Потоа би се свикала посебна седница за разгледување на францускиот предлог. На редовната координација со пратеничките групи во понеделник Џафери ќе донел конечна одлука за свикување на седница, а поканет бил и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

На сајтот на Собрание нема детали што конкретно е доставено до собраниските служби. Иако беше најавено дека целиот процес ќе бил транспарентен , објавена е само информацијата на владата за предлог преговарачката рамка срочена само на три страници и известувањето на Џафери до пратениците дека е пристигната владината информација.

Иако ветено во комплетот на испратени документи го нема билатералниот протокол кој македонската влада го крие како најголема државна тајна.

Викторија Миткова