Експерти: сите обиди да се создаде конкурентска партија од веќе постоечка би биле неуспешни

Сите обиди за формирање на нови партии од веќе постоечките се покажале како неуспешни во изминативе 27 години. Ако некој смета дека може да направи нова структура која ќе биде конкурентска на ВМРО-ДПМНЕ, треба да го направи како нов политички субјект, а не како фракција – вакви се размислувањата на аналитичарите по информацијата дека поранешниот и актуелниот шеф на дипломатијата, Поповски и Димитров, работат на формирање нова партија која би имала работен наслов Конзервативна партија.

Алфа вчера објави информација новата партија на политичката сцена ќе има специјална задача – „рушење“ на ВМРО-ДПМНЕ однадвор, но и да ги привлече членовите на опозициската партија кои размислуваат прозападно. Ниту денеска не успеавме да стапиме во контакт со клучните играчи Поповски и Димитров за да ја слушнеме нивната страна.

Експертската јавност коментира дека пратеникот и екс министер за надворешни Никола Поповски во изминатиов период воопшто го нема на ниту едно партиско случување, ниту пак во собраниската галерија дури и за гласањето за уставните измени, што остава простор за сомнеж дека односите со матичната партија не одат во добра насока.

Доколку се реализира ваквата идеја, новата партија би била директен конкурент на ВМРО-ДПМНЕ. Но колку и сериозен, одговорот би бил познат веќе на претседателските избори, кои треба да ја дадат сликата за моменталната доверба на опозицијата кај граѓаните.

Ивана Соколовиќ Најдова