Експерти: Преседан е притворот на Чавков пред изрекување на пресудата

За една година неколку приведувања и менување на мерките за претпазливост за екс министерот Митко Чавков обвинет за собраниските настани од 27-ми април. Од неколку месеци во Шутка, па во домашен притвор, експресно менување на решението и за помалку од 24часа дома, повторно вратен во Затвор…Вчерашната службена белешка повторно го врати во Шутка.

Апсењето на Чавков наиде на бурни реакции и осуда и кај стручната фела. Изненадени од одлуката на Кривичниот совет, за експертите притворот на поранешниот прв човек на БЈБ е невиден преседан, не се случило пред пресуда некој да биде приведен. За професорот Калајџиев пак ваквата одлука за приведување веќе прејудицира висока затворска казна.

И новинарот Саше Димовски реагира дека ваквата одлука е повреда на правото, во 21 век да се повикува на оперативни сознанија, а не и докази.

Со реакција на социјалните мрежи излегоа и сопругата и ќерката на поранешниот прв човек на БЈБ. Јасмина Чавкова пиша дека вчера во нивниот дом влегла хунтата. Семејството на Чавков реагира дека сознанијата наведени во службената белешка врз основа на која повторно е во притвор се измислени, а неговата ќерка за политичкиот прогон веќе ги извести и меѓународни субјекти во земјава.

-Ваши екселенции се сомневам на политички притисок и прогон врз татко ми кој трае подолго време. Дополнително сакам да потсетам на неправедниот начин на амнестија со кој беа ослободени директните причинители на настанот додека татко ми, кој во тоа време од позиција на професионалец се заложи максимално да не дојде до уште понесакани последици, делуваше според устав и закон и ги спаси животите на пратениците е цел на апсење и малтретирање невидено за цивилизирана Европа. Сакам да потсетам и дека властите се изживуваа врз татко ми за време на неговото прво притворање па беа вадени слики од притвор само за да го понижат. Кој ја нарача службената белешка?– пишува ќерката на Чавков, на својот фејсбук профил.

Во март лани Врховниот суд на Чавков и уште неколку осомничени за собраниските настани, мерката притвор им ја замени со куќен притвор, но по 24 часа, петмина меѓу кои и Чавков повторно беа вратени во притвор во Шутка. Кривичниот совет ја преиначил мерката за Чавков бидејќи полицијата на два пати не го нашла во станот во Центар. Но повторно го уапсиле од куќата во Лисиче за да го вратат во Шутка. За апсурдноста да биде поголема експертите тогаш толкуваа дека и на обвинението и на решението за притворот на Чавков стои адресата во Лисиче.

Ивана Соколовиќ Најдова