Експерти предупредуваат на бројни пропусти во изрекувањето на пресудите за 27 април

Што требаше да видиме, односно да чуеме при објавата на пресудата за 27 април, а не чувме. Објавата на пресуда, според Законот за кривична постапка, опфаќа јавно да се прочита изреката на пресудата и накратко да се соопштат причините. Ова во писмо до „Нова Македонија“ го има испратено пензионираната судијка во Врховниот суд, Милојка Калкашлиева, која предупредува дека во изрекувањето на пресудата имало бројни неправилности.

„Кога е во прашање осудителна пресуда, каква што е во случајов, во изреката, покрај другото, мора да стои за кое кривично дело обвинетиот се огласува за виновен, СО НАЗНАЧУВАЊЕ НА ФАКТИТЕ И ОКОЛНОСТИТЕ ШТО ПРЕТСТАВУВААТ ОБЕЛЕЖЈЕ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО. Значи, ако судијата-претседател на советот ја читаше изреката на пресудата, мораше да прочита, а ние да чуеме, како секој од обвинетите го извршил кривичното дело, кои негови дејства претставуваат обележје на кривичното дело за кое се огласува за виновен и му се изрекува казна. Ништо од тоа што законот бара да го содржи изреката и да биде прочитано при објавата на пресудата не чувме, а наместо тоа слушавме цитати, писмен состав за патриотизам и слични нешта на кои не им е место при објавување пресуда“, пишува Калкашлиева.


Потоа, таа тврди дека влегувањето на народот во Собранието и насилството немале да се случат, доколку пратеници не ја отвориле вратата.


Масовното влегување на народот во Собранието немаше да се случи и немаше да дојде до насилство, ако од страна на пратеници не беше отворена вратата на главниот влез. Затоа не може да се тврди дека влегувањето било насилно. Насилството беше предизвикано од револтот на народот кон пратениците, но тоа не ги ослободува од одговорност сторителите на насилството, но секој треба да одговара врз основа на законот за тоа што го сторил, а не целиот настан од 27 април да се квалификува како „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, пишува Калкашлиева.

Реагираше и опозицијата.
„Патриоти кои цел живот го посветиле за безбедноста на државата добиваат максимални казни затвор, а борци на ИСИС кои масакрирале луѓе добиваат три пати пониски казни. Додека власта со политички прогон си ги брани сопствените криминали, државата секојдневно тоне на секое можно поле“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Во конклузијата на случајот 27 април, на шеснаесетмина им беа досудени 211 години затвор.

Јована Грчева