Експерти: Политиката го ревидира и санкционира македонскиот јазик

Како стигнавме од состојба на гарантиран македонски јазик и идентитет каков што тврдеа дека ќе биде владините функционери, до тоа истите луѓе да бегаат и да не сакаат да го именуваат говорот, стандардизиран уште пред седумдесет години, на кој зборуваат роднините на Егејците во северниот дел од Грција?
За експертската фела ова е најмалку навредливо, и значи релативизација на сите врвни студии и научни трудови, пред се оние на МАНУ, на јазикот кој го користи македонското малцинство во Грција.
-Ќе бидеме уникатен пример кога, практично, се откажуваме од нашето малцинство во Грција. Ние зборуваме скопски, кумановски, така и овие луѓе во Егејска Македонија зборуваат на некој свој дијалект, дели е лерински, дали е воденски, дали е костурски. Уште повеќе е страшно што се зборува за македонскиот јазик под синтагми, на пример синтагма „друг јазик“ а сите ние тука знаеме дека се работи за македонски јазик. Тие луѓе се Македонци, мојата баба која беше родена 1914 во воденско, со која јас израснав таа секогаш велеше дека зборува македонски, вели за Алфа професорката Елка Јачева – Улчар.
Академик Катица Ќулафкова, по изјавите на Димитров, ги обвини политичарите, дека неосновано, по сопствени убедувања си го ревидираат, маргинализираат и санкционираат македонскиот јазик.
-Од една страна, шокантен е молкот на научните и образовните институции пред ваквите јазични политики во Македонија. Од друга страна, поединците кои ја обелоденуваат вистината се омаловажени и маргинализирани. Соочени со големи искушенија и заблуди, станавме жртви на специјални облици на колонизација, напиша Ќулафкова на својот Фејсбук профил.
-Хипокризија е кога: магистрираш на тема „Заштита на националните малцинства“ (Никола Димитров), докторираш на тема „Македонското национално малцинство во соседните земји“ (Фросина Ременски), а се откажуваш и го негираш постоењето на сопственото малцинство во соседните земји, напиша на Твитер, екс-министерката Ганка Цветановска.
Инаку, Македонија ја нема ратификувано ниту ЕУ повелбата за регионални и малцински јазици, која според експертите поволно би можела да влијае врз јазичните политики во државава.

Искра Коровешовска