Експерти: Несериозни изјави на Заев, за премногу сериозни суми на инвестиции

Несериозни изјави на Заев, за премногу сериозни суми на инвестиции. Најновото ветување e 5 милијарди евра, за експертите сума, извадена од ракав.

Инвестицискиот циклус од околу пет милијарди евра со кој се фали Зоран Заев е уште едно паушално и празно ветување, реагираат економските експерти. Велат, првите две ветувања завршија неславно, а аналитичарите очекуваат иста судбина и за новото ветување на премиерот.

Дополнително,за  инвестициите што Заев ги најави за наредниот период, ниту има конкретни планови и рокови, ниту објаснување од каде ќе се најдат тие пари и под кои услови, вели за Алфа универзитетскиот професор, Дарко Лазаров.

Во текот на вториот квартал од 2020 година, вкупнуите директни инвестиции во Македонија бележат одлив од 9.3 милиони евра. Ова според економистите е доказ дека старо-новата влада не носи инвестиции, туку и ги брка постојните, додава Лазаров.

Изјавите на Заев дека ќе ги донесел ИКЕА Мајкрософт, Фејсбук и Гугл, економистите ги коментираа како смешни и неиздржани. Иако периодов и социјалните мрежи беа преплавени со еден куп коментари.

Во првите пет месеци од годинава, според податоците на Министерството за финансии, се реализирале само 20% од предвидените капитални инвестиции за целата година, односно инвестирани се 86 милиони евра.

Лани биле реализирани само две третини од капиталните инвестиции предвидени со буџетот за целата година. Во почетокот на годинава се планираа капитални инвестиции од 391 милиони евра, но се скратија за 90 милиони евра, а на крајот на годината беа инвестирани 197 милиони евра. Ако се продолжи со ваквата динамика, за да се реализираат капитални инвестиции од 5 милијарди евра ќе бидат потребни 20 години.

Инаку, Македонија како последица на лошите економски политики е речиси на дното на листата на Дуинг бизнис, каде своевремено беше на високото 10 место, а ако се продолжи со исто темпо, според економистите, бројот на компании кои би се решиле да дојдат во Македонија се повеќе ќе се намалува.  

Борис Грујоски