Експерти: Македонија ќе извиси за ЕУ, реформите половични

Македонија и ова лето ќе остане пред вратите на Европската Унија. Експертите стравуваат дека, и покрај позитивниот извештај на Европската комисија, земјава ќе извиси на Самитот во јуни. Од Центарот за европски стратегии со низа забелешки – капацитетите на јавната администрација се слаби, а власта и покрај ветеното се уште не најде начин како да се справи со државните службеници кои не доаѓаат на работа. Потребно е велат сериозна борба против корупцијата и реформи во судството.

„Во последниот извештај на ЕК не пишува дека во земјава тече мед и млеко. Внатрешните работи мора сами да ги решиме, сами треба да се бориме со корупцијата. Но ЕУ треба да даде датум за преговори за да може реформите да продолжат“, вели Љупчо Петковски од Евротинк.

Од Центарот децидни – реформите се пишани на хартија, но за нивна имплементација потребно е Македонија да добие стимул од Унијата. Во спротивно велат наместо да се забрза напредокот на земјава, постои опасност тој да забави. Апелираат до земјите членки на Унијата итно да определат временска рамка во која земјава би добила датум за старт на преговорите.

„Ако не ни доделат датум за почеток на преговорите во јуни, тогаш бараме земјите членки на Унијата да определат законска рамка, односно да донесат заклучок дека тоа ќе се случи да речеме најдоцна до октомври“, вели фани Каранфилова – Пановска – Фондација отворено општество – Македонија.

Нов проблем за Македонија на патот кон европското семејство, според познавачите, ќе биде и новата политичка состојба во Грција, каде се поизвесно е дека на изборите во јули ќе победи партијата Нова Демократија, чиј лидер Мицотакис се погласно се противи на Договорот од Преспа и најавува ново вето за Македонија при отворање на сите поглавја со Унијата.

Биљана Божиновска