Експерти: Изборите во Тетово покажаа дека Македонија бара промени

Предвремени парламентарни избори се единствената опција за легитимна власт во Македонија. Политичките експерти се децидни дека локалните избори во Тетово го отсликаа она што е познато од последните локални избори минатата година: дека народот се помалку и верува на власта.

  • Сега во моментов власта го нема легимитетот да владее, особено ако го нема легимитетот да носи одлуки како што беше потпишувањето на тој договор со Бугарија. Колку е всушност се потребни парламентарни избори покажува и фактот дека не може да го имплементира без промена на Уставот. Така што изборите ќе покажат дали граѓаните го поддржуваат тоа , вели за Алфа, Владимир Божиновски, универзитетски професор.

Дополнително, сите последните анкети покажуваат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ужива поголема доверба од владејачката СДСМ, доколку се одржат парламентарни избори.

  • Не беа ниту потребни изборите во Тетово за да се види дека поддршката за опозиција е многу повисока од таа на власта. Имаше локали избори минатата година, имаше огромни протести против францускиот предлог, што дополнително ја поткопа и така намалената доверба во власта. И самото однесување на власта со тоа што на секој начин сака да ги избегне избори го покажува расположението кај граѓаните, заклучува Божиновски.

Според експертите, тенкото мнозинство во Парламентот го наметнува како логичен заклучокот дека за функционалност на државата се неопходни нови избори, а за тоа показател е и се послабиот одзив на граѓаните на секои наредни избори.

  • Факт е дека ситуацијата е повеќе од спремна, и е алармантно дека многу работи се изменети на политичката сцена и во расположението на народот. Излезноста е малечка. Тоа покажува дека, на сите анкети, бројката на оние што не излегуваат, не гласаат, и не знаат за кого би гласале, или не сакаат, е се поголема. Тоа значи дека мора нешто да се смени. Не верувам дека некои нови избори би направиле спктакуларна промена, но дека треба да се измешаат картите, нов шпил, нова политичка постава, што значи и нови избори. Прашањето е кој е тој што ќе биде нов, свеж, што ќе ја смени амбиенталната структура на политичката сцена – вели политичкиот аналитичар Агим Јонуз.

Инаку, со последните избори во саботата, шест партии влегоа во Советот на Општина Тетово. БЕСА освои најмногу, 12 советници, ДУИ 11 , ВМРО- ДПМНЕ 4 , СДСМ 2 и Алтернатива и ДПА по еден советник.  Односот на гласови помеѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ во Тетово е два спрема еден, во советници е четири спрема два , ако тоа се преслика на ниво на Македонија  , во моментов ВМРО- ДПМНЕ би имала 55 пратеника, а СДСМ 27.

Викторија Мииткова