Експерти за Алфа: Тешко дека намалената маржа за струјата, ќе ги намали крајните сметки

Добра желба на власта, но со неизвесен позитивен ефект. Ова е оценката на познавачи на енергетскиот сектор, откако владата соопшти дека ја намалува маржата за трговија со стуја на 10%. Проценките се дека компаниите и натаму ќе плаќаат високи сметки, дури и за 5 пати зголемени, затоа што не толку маржата, туку цената на струјата на берзата, ја оформува месечната сметка за електрична енергија.

Намалената маржа за трговија со струја ограничена на 10%, најверојатно нема да ги намали сметките за струја, велат екперти за Алфа. Според енергетскиот консултант Сања Божиновска, добро е што Владата презема некакви мерки за ублажување на струјниот удар, но крајниот проивод по се изгледа ќе се сведе на слаткоречиви зборови, без никаков позитивен епилог. Според економистите, одлуките да се ограничат маржите се добри за овие кризни времиња кога цената на струјата замина до плафон. но, сепак главен фактор кој влијае на крајните смтеки е цената на берзите, а не маржите на трговците.

  • Јас мислам дека е добро што Владата конечно размислува за мерки за ублажување на енергетската криза, иако сите земји веќе се за тоа подготвени. Така би требало да се појасни дали тоа е за крајниот снабдувач – ако „Да“, тоа значи намалување на маржата од 50% на 20% што е за поздравување, меѓутоа да се каже прецизно дали тоа важи за сите. И не знам дали се свесни – ако компанија работи на „Хупекс“ берзата постојат секако трошоци за пренос на електричната енергија од Србија за да се имплементира намалување на маржата треба да се има сериозн план со сите наведени опции, вели за Алфа Сања Божиновска, енергетски консултант, советник за енергетика.

Сепак, останува неизвесно дали со ограничувањето на профитот на трговците ќе паднат и сметките за струја на компаниите кои се на слободниот пазар, но и тие кои се снабдуваат од крајниот снабдувач.

Како што веќе соопшти министерот за економија, трговците со струја веќе нема да можат да прават екстра профити, зашто Владата ги ограничува маржите за трговците кои ги снабдуваат со струја компаниите на слободниот пазар на 10%.

Овој чекор се прави откако бизнисот по кој знае кој пат алармираше дека е пред колапс, и од сите страни бараше помош само за стотици компании не стават клуч на врата поради скапата инустриска струја. Компаниите се пожалија дека трошоците им биле огромни, и тоа со сметки за струја зголемени и за над 5 пати.

Во меѓу време, министерот Крешник Бектеши ги искара државните институции кои не штедат и рече дека на почетокот на октомври ќе бара извештаи од нив колку штедат струја и дали потпишале нови договори.

Со измени пак во правилникот на регулаторна, ќе се ограничи и профитот од 50% на 20% на крајниот снабдувач „ЕВН“, каде преминаа многу фирми, но и државни  институции откако трговците им ги раскинаа договорите.

  • Оваа мерка ја носиме со цел да им излеземе во пресрет на компаниите што се на слободниот пазар, но и иституциите од централната власт, претпријатијата од локалната власт и училиштата и други, кои се приближно 1.500 субјекти, изјави министерот.

Бектеши исто така информира и за одлуката што ја донесе Регулаторната комисија, со која се намалува маржата што ја пресметува крајниот снабдувач за субјектите што немаат склучено договор со снабдувач.

  • Регулаторната комисија за енергетика направи измена на правилникот за снабдување со електрична енергија во краен случај, каде што е намалена маржата што ја пресметува крајниот снабдувач од 50 на 20 %, рече Бектеши.

Инаку, стопанството со последни сили се бори со високите сметки за струја. Бизнисмените се се повеќе загрижени за опстанок на компаниите, зашто засега нема конкретна помош за плаќањето на високите сметки.  

Сега еден мегават струја на берзите надминува 800 евра, а се најавува дека цената ќе надмине и 1.000 евра. Во следниве две недели треба да се знае дали Бугарија ќе успее да ги заобиколи правилата на Европската Унија и со билатерален договор да испорача поевтина струја за македонските компании. 

Борис Грујоски