Експерти за Алфа: Растот на цените при намалена инфлација е нереален, мора итно да се зголемат платите за ублажување на ценовните шокови

Само голем профит им се врти во умот на големите трговци кои стопанисуваат со ланци на маркети без чувство дека го соголуваат и онака сиромашниот народ. Ваков е коментарот на економските експерти откако е очигледно оти власта нема абер за нови мерки кои би го зауздале ценовното цунами. Иако инфлацијата се намалува, ама само на хартија, цените на добар дел од производите не се намалени, туку само растат.

Според економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот Институт, власта мора итно да ги покачи платите на сите работници, за да се ублажи ценовното цунами кое никогаш нема да се намали. Само така може да се помогне на граѓаните. Во спротивно, ќе следува тежок период, како за граѓаните, така и за стопанството.

  • Куповната моќ, односно животниот стандард на граѓаните, се намалува веќе година и пол. Да, имаше некои подобрување во животниот стандард во првите две години од доаѓањето на актуелната власт, апсолутно не. И наместо да се фалат со успесите од минатото, ним ќе им биде попаметно да го повторат тоа што го направија тогаш, односно – да ги покачат платите во сите сектори, потоа пензиите и социјалната помош, за повеќе отколку што изнесува инфлацијата. Само така ќе спречат животниот стандард да продолжи да се намалува“, вели во изјава за Алфа, Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот економски Институт.

И додека економистите реагираат дека нема никаква помош за граѓаните, од Владата се правдатаат дека требало да се види дали растот на цените само изговор на бизнисмените да профитираат од инфлацијата.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера рече дека немало да се толерира никој што ќе носи штетни одлуки за граѓаните, ама на прашање на Алфа, не кажа дали ќе има нови мерки.

  • Зад зголемувањето на цените на млечните производи не стојат производителите, туку тоа го прават под притисок на трговците, рече Битиќи, додавајќи дека нема економска логика, но кај нас не владеат добрите трговски практики.

За ценовните бранувања Битиќи посочи дека одредени трговски ланци се однесуваат нефер и неетички, но не сакаше да ги именува.

  • Во овој момент не би сакал да кажувам имиња, штом ги добиеме, ќе бидат кажани. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговијата, а особено на практики кои одат на штета на моите сограѓани и на мене. Се додека сум на оваа позиција нема да останам нема, дециден е Битиќи.

За поскапувањето на лебот потсети дека преработувачите веќе рекоа дека нема услови за зголемување на цените на основните прехранбени производи, затоа што сите параметри укажуваат на тоа дека има пад на суровините на прехранбените производи.

Последните податоци на Државната статистика покажуваат дека живеачката во јули годинава поскапела за 8,4%, во однос на истиот период лани, а платите на граѓаните иако за некој процент беа зголемени, тие пред време им ги „изеде“ инфлацијата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста