Експерти за Алфа: Државата нема стратегија за намалување на цената струјата, граѓаните се жалат дека немаат пари

Некој минимален процент намалување на цената на струјата не значи ништо, зашто со враќањето на данокот од 10 на 18%, сепак ќе плаќаме повисоки сметки од досега. Ова е ставот на енергетските експерти откако Регулаторот ја корегираше новата цена на струјата. Граѓаните се револтирани зашто одлуката на Регулаторот сепак не била во нивна корист.

Само два проценти намалување на сметките за струја не им значи ништо на граѓаните, зашто со враќањето на ДДВ-то од 10 на 18%, поскапо ќе плаќаат сите. Ова е ставот на енергетските експерти откако Регулаторот ја корегираше новата цена на струјата. Професорот Константин Димитров за Алфа вели дека државата нема стратегија за ублажување на ценовниот шок, кој во иднина ќе биде се поголем ако Владата не покаже сериозност.

  • Мора Владата да направи мерки кои ќе бидат долготрајни, не може сега да намали само два проценти, кои на нас не ни значат ништо, а јавно да се фали дека работи. Да, работи, ама само за себе. Парите од народот ги зема, ги префрла кон Електродистрибуција, а долговите пак ќе ги враќаме ние, грѓаните, односно нашите деца, нашите внуци и поколенијата, вели Димитров.

Граѓаните се револтирани зашто како и да се врти топката, сепак ќе се плати поскапа струја.

  • Сега едно кажуваат, а друго ќе излезе. На оваа Влада веќе не може да се верува. Ова е катастрофа. Скапо ќе е како и да е, еден блок, втор, трет, немам коментар. Едноставно нема да е лесно, зашто сиромаштија е голема, народов нема пари, што да се прави, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

Што се однесува, пак, до дневната евтина тарифа, таа наместо од сега, ќе стапи на сила од 1 декември од 13 до 15 часот, што за експертите било чист популизам.

  • Тоа е една популистичка мерка која нема да вроди со плод. Да сакале господава да мислат на народот, таа ќе ја направеле од 17 до 19 часот, кога ќе може да се користи, а не од 15 часот кога нема никој дома, односно кога се само пензионерите и невработените, вели Димитров.

Според новиот тарифник, за добар дел од домаќинствата кои се во вториот и третиот блок, поскапувањето ќе биде за нешто под 3%. За оние кои се во првите два блока, струјата ќе поевтини. Намалувањето во првиот блок е за над 7%, во 2-риот за 4%, а во третиот и четвтриот поскапува за околу 2,5%. Новата цена на струјата ќе важи од следниот месец.

Борис Грујоски

Advertisements