Експертите по посетата на Штајнмаер: Ако сега се промени Уставот, Македонија ќе оди право во бездна

Посетата на германскиот претседател Штајнмајер има големо значење за Македонија и македонските евроинтеграции, но ова беше уште еден знак дека треба да си ја завршиме работата дома. Тоа што Штајнмајер, во неколку наврати ни посочи на уставните измени како најважен чекор кога се во прашање пристапните преговори за влез во Европската унија, е показател дека европските тешкаши колективно го поддржуваат францускиот предлог кој е во полза на Бугарија. Според поранешниот амбасадор Ивица Боцевски, доколку сега се промени Уставот, Македонија ќе оди право во бездна.

Неговите зборови, иако беа многу бирани, внимателно срочени, се внимаваше да се дадат цитати кои значат многу за македонскиот идентитет, сепак јасно е дека се сака да се стави точка условно кажано на овој проблем преку промената на Уставот. Она што јас сметам дека би било фатално за Македонија е да се усвојат уставните амандмани – вели Боцевски.

Високите претставници на Европската Унија многу пати покажале скептицизам во однос на проширувањето, но македонските власти како да не го земаат предвид овој факт па често знаат да изјават дека 2030 е реална временска дистанца за исполнување на европскиот сон. Според поранешниот амбасадор Ристо Никовски посетата на претседателот на Германија значи многу, но воопшто не ги подгрева надежите дека Македонија во скоро време ќе стане членка на ЕУ.

Чест е кога претседател на Германија доаѓа во Македонија, но тој јасно и недвосмислено ни укажа дека не е време за проширување на Европската Унија. Факт е дека Франција не сака, сега и Германија не сака, и тоа не е случајно, туку тоа е резултат на состојбата во тие земји, на ставовите на народот, бидејќи над 60% се против проширување на Унијата – вели Никовски.

Посетата на Штајнмајер е прва посета на Македонија од страна германски претседател по повеќе од една деценија. Тој се сретна со цел државен врв и укажа на потребата земјите од Западен Балкан да станат дел од ЕУ, но беше дециден дека нема да се врзува за датуми.

Поклонувањето на гробот на Гоце Делчев и користењето цитати на Конески и Андреевски во неговото обраќање, беше пријатно изнемадување за голем дел од македонската јавност.

Адријана Алексиеска

Advertisements