Експертите децидни – преговорите со ЕУ се подалеку, Македонија доцни на сите полиња

Мала е веројатноста Македонија во јуни да добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, велат од центарот за европски стратегии Евротинк. Според нив, земјава доцни на сите полиња – дури не се формирани ни преговарачката структура ни работните групи кои требаше да бидат готови пред шест месеци.

Се уште е непознато кои административни кадри ќе бидат вклучени во преговорите и дали тие покрај бројните обврски во институциите би добивале дополнителен надомест за учеството во работните групи, бидејќи ако нема мотивираност постои опасност од одлив на квалификуван кадар, алармираат од Евротинк. Велат, стручните тимови не смеат да бидат составени од кабинетски службеници, бидејќи тие најчесто први заминуваат од министерствата при промена на министрите.

Проблем се и односите внатре во Унијата особено противењето на Франција и Холандија на процесот на проширување. За шефот на мисијата на ЕУ, Самуел Жбогар, претпазлив во оценките – вели се надевам дека ќе почнат преговорите во јуни.

Од друга страна, вчера лично еврокомесарот Јоханес Хан го урна владиниот оптимизам. Тој пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент изјави дека Европската комисија најверојатно ќе препорача подготвителна фаза на преговорите а не преговори како што било случај со сите други земји кандидати досега. Овој процес според Брисел би траел подолго од 10 години.

Биљана Божиновска