Експертите бараат поголема контрола врз трошењето на државните пари

Владата да собира повеќе од даноци, но и да внимава како ги троши народните пари. Прогресивниот данок нема да даде ефекти, ако средствата нерационално се користат и не им го подобруваат животот на граѓаните. Аналитичарите му порачаа на министерот Тевдовски дека мерката за поврат на 15% од ДДВ е само козметичка и враќа незначителен дел од парите кај населението. Незадоволни се и од потегот, од државната каса да им се помага на општините. Велат Владата мора да најде начин како да ги дисциплинира општините, а не да ги наградува. Според нив, јавните претпријатија се слепи црева во општеството што само трошат пари, а не обезбедуваат квалитетни услуги.

„Сѐ уште има градоначалници кои се однесуваат ноншалантно, сѐ уште имаме директори на културни домови, на театри на не знам какви институции кои земаат јавни пари, а се однесуваат како тоа да се нивни пари, а не наши, на сите граѓани. Токму поради ова треба да се направи огромна фискална дисциплина“, вели академик Абдулменаф Беџети.

Министерот Тевдовски, пак тврди дека Владата го стегнала ременот. Вели дека буџетскиот дефицит и јавниот долг биле стабилизирани. Светска Банка вчера алармираше дека од сите земји во регионот кои го намалиле јавниот долг, само кај нас долгот останал на ниво од 49%, а годинава ќе го достигне нивото од 51% од БДП. За предлогот на бизнисот, стопанството 6 месеци порано да знае кои даноци ќе се менуваат од стартот на годината, Тевдовски не се изјасни.

Меѓународните институции алармираат дека со вакво темпо, земјите од регионот дури по 50 години ќе го достигнат сегашното ниво на животен стандард во Европската Унија. Предлагаат владата да инвестира повеќе во инфраструктурата, образованието и здравството, за да се отворат што повеќе работни места, бидејќи и покрај напредокот, невработеноста во земјава е меѓу највисоките на континентот.

Тања Попова