Економијата пред провалија – Владата не гледа проблем

Катастрофалната реализација од само 16% на капиталните инвестиции во првата половина од годинава за Вицепремиерот Анѓушев не е проблем. Тој е оптимист дека до крајот на 2018-та, планираното ќе се реализира до 90%. Вели дека слабата реализација се случила поради тоа што сакале проектите да ги направат како што треба за да нема потпишување анекси после секој договор. Уверува дека Македонски Железници и Јавното претпријатие за државни патишта подобро ги реализирале инвестициските проекти отколку Владата.

„Малиот застој се должи на тоа што е потребно проектите да се доведат до нормално техничко ниво за да не ни се случуваат непотребни анекси. Реализацијата на капиталните инвестиции кај државните компании МЕПСО, ЕЛЕМ, ЈП за државни патишта е многу повисока“ – вели Анѓушев.

Анѓушев уверува дека инвестицискиот циклус ќе се развива со забрзано темпо и покрај тоа што резултатите изостануваат. Тоа што неговите фирми се во центар на скандалите со доделување на државна помош и грантови од Фондот за иновации вели дека две фирми не се важни, туку вкупната економија. Апликациите биле повлечени не затоа што имало конфликт на интереси, туку поради тоа што граѓаните биле чувствителни на овие потези.

Владата се уште останува на проекцијата за раст на економијата од 3.2% годинава. Во првиот квартал резултатите беа лоши, само минимални 0.1% раст. Затоа пак, за 6 месеци Македонија зела скоро 90% од планираните странски кредити за цела година односно се задолжила за над половина милијарда евра само на надворешниот пазар. Анѓушев очекува економијата да се раздвижи со поголем интензитет по референдумот, односно во последните три месеци од 2018-та.

Тања Попова