Економијата пораснала за 2.7% во 2018-та, бруто инвестициите во минус

Македонската економија пораснала за 2.7% минатата година – објави државната статистика. Брутодомашниот производ во првиот квартал се зголемил за 0.9, во вториот и третиот за по 3% а во четвртиот квартал за 3.7% или вкупно 2.7% за цела година.

Овој резултат е близу намалените проекции со ребалансот на буџетот. Владата првично проектираше раст од 3.2%,но поради падот на градежништвото и инвестициите, го намали на 2.8%.

И покрај тоа што Владата се пофали со рекордно ниво на странски инвестиции минатата година, статистиката покажува пад на бруто инвестициите од 7.2%.

Гледано по сектори лани најголем раст имале дејности како уметност, забава и рекреација (18.7%), стручните, научните и техничките дејности (10.7%) и трговијата (9.2%).

Градежништвото се зголемило за само 0.2%. Пад од 6.6% има кај информациите и комуникациите, а земјоделството завршило во минус од 5%.

Вкупниот Бруто домашен производ односно вредноста на сите стоки и услуги произведени во земјава во 2018-та година достигнала 10.7 милијарди евра.

Во последното тримесечје од 2018-та, невработеноста падна под 20% и сега изнесува 19.4%. Близу 186 илјади лица се невработени, додека активно работат скоро 772 илјади луѓе. Невработеноста е најголема кај младите. 44% од младите до 24 години се невработени. Стапката е нешто помала кај возрасната група од 25 до 49 години – 18.2%, додека невработеноста е најниска кај оние од 50 до 64 години или 15.3 отсто.

Тања Попова