Економијата колабира, власта се задолжува – трендот веќе станува опасен

Задолжувањето постојано расте, а капиталните инвестиции недоволно се реализираат. Фирмите „кубурат“ со пари, а банките наместо да ги кредитираат, ги „заробуваат“ финансиите купувајќи државни хартии од вредност. Според последните податоци на Народната Банка, за компаниите има се поскапи кредити, а деловните банки интензивно вложуваат во државни записи и обврзници. Владата, пак, наместо парите да ги вложува во капитални проекти, ги троши за тековни потреби. Аналитичарите велат дека мора да се промени моделот на економски раст, на долг рок неефикасно е целата економија да се потпира исклучиво на градежништвото.

Премиерот и министрите се оптимисти дека по катастрофалната реализација на инвестициите од 16% во првата половина од годинава, планираното сепак ќе се реализира. Сепак, во последниве три месеци се реализираше исклучиво задолжувањето. Државниот долг е зголемен за 30 милиони евра и изнесува 39.9% од БДП, а јавниот за дури 50 милиони евра и достигна 47.7% од БДП. Како опозиција, СДСМ критикуваше дека парите непродуктивно се трошат во услови кога капиталните инвестиции потфрлаат, но сега се најде во иста ситуација. Премиерот сега вели дека инвестиции нема, но дека парите од задолжувањето ги искористиле за враќање на стари долгови.

Владата досега се задолжувала според планираното на домашниот пазар, но за само 6 месеци земала дури 90% од странските кредити планирани за цела година. Во првиот квартал БДП се зголеми за само 0.1%, но Владата се уште останува на проекцијата за раст на економијата од 3.2% годинава.

Тања Попова