Економијата во 2018-неславен крај на уште една промашена година

Зголемени даноци, нови задолжувања и барања за целосна реализација на капиталните инвестиции – вака македонската економија влегува во 2019-та. Цела година помина во натегања меѓу власта и бизнисот. Стопанствениците обвинуваа дека проектите остануваат недовршени, од Владата секој нареден месец уверуваа дека работите полека, но сигурно тргнуваат напред.

Конечно, дури пред Нова Година признаа – капиталните инвестиции потфрлија годинава.

Реализацијата на капиталните проекти не достигна ни половина од планираното, дури ниту по ребалансот на буџетот. А стопанството чекаше и се уште чека на побрз и поевтин транспорт.

Аналитичарите бараат Владата да се преиспита во што точно ќе вложува и колкави ќе бидат ефектите од инвестициите што ќе се преземаат со буџетски пари.

За да ги заврши сите проекти Владата продолжи да се задолжува. Опозицијата критикува дека парите нерационално се трошат, а министерството за финансии веќе најави дека јавниот долг од сегашните 48 ќе порасне на 54% од БДП. Владата нема повторно да издава еврообврзница, но ќе продолжи да се задолжува редовно како на домашниот, така и на странскиот пазар.

И меѓународните финансиски институции и Народната банка алармираа до Владата да ги консолидира финансиите. Ако веќе сака да опстои во намерата да го намали буџетскиот дефицит, истото да го стори и со јавниот долг.

Народната банка три пати ја намали основната камата за да ги натера банките повеќе да ги кредитираат фирмите. Каматите побавно се намалуваа, а стопанството и во 2019-та бара евтини пари за нови инвестиции.

Уште на стартот на годината први на удар ќе бидат едни од најголемите извозници – металуршките капацитети. Откако ЕУ од февруари ќе им воведе квоти и царини од 25%, најавуваат стопирање на производството и делење откази.

Годинава почна и заврши катастрофално за земјоделците. Речиси и да немаше производители кои не протестираа и не го уништуваа родот поради слабиот откуп и ниските цени. Поскапе и лебот, а лошата есенска сеидба упатува на неплодна сезона. Откако Владата не им го исполни ветувањето досега, земјоделците и во 2019-та влегуваат чекајки ја зелената нафта.

Догодина треба да се реформира администрацијата. Додека предновогодишно фрчеа огласи за нови вработувања, Владата сака да натера дел од службениците да преминат во приватниот сектор. Синдикатот против, нема да дозволи да се делат откази.

Дел од „буџетарите“ ќе добијат поголеми плати, но не и оние со најниски примања кои се пониски и до 100 евра од републичкиот просек – обвинува синдикатот.

Во 2019-та меѓудржавните комисии на Македонија и Грција ќе одлучуваат за трговските марки согласно Договорот од Преспа, во многу општини поскапува паркингот, водата, такси превозот. Се зголемуваат даноците и придонесите, УЈП ќе почне самостојно да составува даночни пријави кои граѓаните ќе треба само да ги потврдат, а домаќинствата ќе излезат на слободниот пазар на струја. И покрај реформите и бројните предизвици Владата е оптимист дека економски раст од 3.2% е реално остварлив во 2019-та.

Тања Попова