Екатимерини: Средба на лидерите на двете заедници на Кипар

Кипарскиот претседател, Никос Анастасиадис, и лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, денеска во тампон зоната на ОН во Никозија почнаа нови неофицијални преговори кои имаат за цел да ги обноват прекинатите преговори за обединување на островот, пишува електронското издание на грчкиот весник Екатимерини.

Денешните разговори се водат со посредништво на Елизабет Спехар, шеф на Силите за поддршка на мирот на Обединетите нации на Кипар (UNFICYP), во нејзината резиденција, во зоната на ОН на поранешниот аеродром во Никозија.

На одгласите за зголемените тензии на островот и во регионот заради турските истражувања за барање природен гас крај брегот на островот, Анастасиадис ја подвлече неопходноста од изнаоѓање решение кое ќе одговори на проблемите на кипарската турска заедница, но, исто така, ќе ги заштити суверените права на
Република Кипар.

-Влегувам во преговорите … со значителна доза на добронамерност и решителност … да работам на решението кое ќе биде прифатено од меѓународниот фактор, но особено од оние кои ќе бидат засегнати од него- жителите на Кипар, рече Анастасиадис, влегувајќи на преговорите, што се водаат зад затворени врати.