Епидемијата на морбили ќе трае уште две недели, вакцинацијата тече во најдобар ред

Мирно и без големи турканици низ поликлиниките по алармот за прогласената епидемија на морбили во Скопје. Лекарите смируваат, но и критикуваат. Велат место за паника нема, но родителите мора сериозно да пристапат кон проблемот. Велат ако не се носат децата на време да се вакцинираат, постои голема опасност да завршат со фатални последици, но и низа болести со кои не може да се справи детскиот организам, изјави Билјана Николова од Поликлиниката Букурешет.

Родителите и натаму се скептични за квалитетот на вакцините и покрај уверувањата дека набавката пристигнала од добра белгиска компанија. Денеска не беа расположени за коментар повеќе.

Градинките веќе ги затворија вратите за децата кои не примиле вакцина. Забраната за прием ја донеле за да се запре со ширење на болеста, која, според лекарите е заразна и предизвикува тешки компликации, но може да доведе и до смрт.

Последните контроли на терен од пред неколку дена на Институтот и центрите за јавно здравје покажаа дека само во Скопје 15.000 деца на возраст до 14 години не биле вакцинирани. Казните за оние кои нема да ги вакцинираат децата се движат од 350 до 650 евра.

Бројот на деца кои се вакцинирани надмина 900, и истиот постојано расте.

Според министерот за здравство Венко Филипче, епидемијата на морбили се очекува да заврши за околу две недели, колку што е и периодот на инкубација од моментот кога последниот пациент со мали сипаници бил примен на инфективна.

Од здружението на педијатри на Македонија изразија поддршка за мерките кои ги презема министерството за здравство во однос на вакцинирањето. Велат дека повикот е од особена важност за децата кои се опкружени со лица со намален имунитет. Со вакцинацијата се намалува ризикот за пренесување на малите сипаници кај децата, но и кај повозрасната популација.

Борис Грујоски