Едно на хартија, друго во пракса – македонските фирми делумно подготвени за европскиот пазар

Земјава е делумно подготвена за да добие позитивна оценка во претстојниот извештај на Европската Комисија во областа на развој на претпријатијата и индустриската политика опфатени во Поглавјето 20. Претприемачите велат дека во делот на усогласување на законите со европската регулатива е забележан огромен напредок, но она што е имплементирано на хартија, тешко функционира во пракса. Милионските суми достапни преку разни европски фондови за помош на бизнис секторот слабо се користат. Фирмите немаат доволно стручен кадар за подготовка на проекти.

Претприемачите велат дека ретко која фирма има доволно финансии за да може да го издржи процесот на аплицирање за европски пари, но и на имплементирање на проектите откако за нив ќе добие пари од ЕУ -фондовите. Бараат Владата да ја реактивира кредитната линија ФАРЕ преку Македонската банка за поддршка на развојот, а банките да не бидат толку конзервативни и да даваат кредити за вакви проекти.

Неодамна од Стопанската комора на Македонија рекоа дека македонските фирми искористиле само 7 милиони евра од европската програма Хоризонт – 20-20. Компаниите се пожалиле на предолгите процедури, преобемната документација и побарале да се формира гарантен фонд за за да можат да се искористат што поголем дел од европските пари.

Тања Попова