Едно на власт, друго во опозиција – СДСМ од противник стана поборник за цензурата

Контра цензура, но со директен напад до режисерот. Поранешниот министер за култура и актуелен национален координатор во Владата ја поздрави одлуката на Државниот правобранител за повлекување на предлогот за времена забрана на филмот „Ругање со Христос“ но го обвини Јани Бојаџи за ширење омраза.

„Добро е што нема цензура. Така фокусот е врз криумчарењето на позивот уметник за партиска пропаганда, верска омраза, етнички стереотипи. Многумина шуруваа со режимот, Јани злосреќно на најјако“, напиша Алаѓозовски на Фејсбук.

Истиот тој, во 2014 година, кога СДСМ беше во опозиција, во својство на Претседател на Комисијата за култура при СДСМ ја прозва владата на ВМРО – ДПМНЕ за цензура врз уметничкото дело „За секое семејство Дупло – за доброто на Македонија“ на уметницата Ирена Паскали кое не се најде на еден од осумте планирани билборди како дел од второто издание на „Билборд арт“ фестивалот.

Во јуни 2012 СДСМ како опозиција обвини за цензура откако авторското дело насловено „Средство за самочистење на фрески“ на уметничката група ОПА беше отстрането од билборд по реакција на МПЦ. Тогаш СДСМ во соопштение пиша: „Овој неморален и авторитарен чин на Град Скопје само ја потврдува неспособноста, неукоста и тоталитарното однесување на власта“.

Инаку, минатиот недела, Министерството за култура побара од државниот правобранител да поднесе барање до Основниот суд Скопје 2 за привремена забрана за емитување на филмот „Ругање со Христос“, оти тој според нив бил со навредлива содржина која би можела да поттикне верска омраза во земјата.

И премиерот Зоран Заев минатиот месец повика да се забрани било каква промоција на филмот со образложение дека со него се шири говор на омраза против албанците. Призна дека не го гледал, ама така му било пренесено.

Филмот „Ругање со Христос“ од денеска може да се прикажува во кино салите низ земјата, но за сега само штипскиот Центар за културата одобрил проекција. Другите кино сали со кои стопанисува Владата културно го „откачиле“ Бојаџи, посочувајќи му дека оваа година немале слободни термини.

Биљана Божиновска