Се бара притвор за осомничениот: Обид за убиство во кафеана во Хиподром

Oсновното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Осомничениот на 24.02.2019 година со умисла се обидел да лиши од живот едно оштетено лице, така што додека седеле на различни маси во дворот на гостилница, без предупредување му пришол на оштетениот, извадил нож од џебот и замавнал. Притоа на оштетениот му нанел тешка телесна повреда  – влезно убодна рана во пределот на абдоменот, оштетувајќи му неколку органи. По ова, реагирале други лица кои седеле на масата со оштетениот и осомничениот се оддалечил од местото, соопштуваат од Обвинителство.

Претходно од МВР информираа дека во неделата во 15 часот во полиција било пријавено дека во угостителски објект во населбата Хиподром, при меѓусебна расправија, Л.Ј. (64) од Скопје со нож во пределот на стомакот го пробол А.А. (39) од Скопје.

Повредениот бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, а напаѓачот бил приведен во Полициската станица Гази Баба.

Обвинителството до Основниот суд Скопје 1 доставило и барање за притвор на осомниениот.