Едно лице загина, а уште едно се води за исчезнато во поплавите во грчкиот град Волос
Едно лице го загуби животот, а уште едно се води за исчезнато во поплавите во грчкиот град Волос предизвикани од невремето Даниел што го зафати централниот дел на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми, загинатото лице е сточар на околу 70-годишна возраст, кој го загубил животот откако, поради лизгање на земјиштето, врз него паднал ѕид додека се обидувал да стигне до местото каде што ги чувал овците.
Станува збор за прва жртва од невремето Даниел што од вчера попладне ја зафати Грција и предизвика поплави од кои засега најпогоден е градот Волос, каде што голем дел од улиците се поплавени, а во прекин е и железничката линија што го поврзува градот со Лариса.