„Едно домашно невоспитување, само тоа ви доликува“ – Ковачевски со навреди кон пратениците, го загуби трпението уште на почеток на Седницата

Премиерот Ковачевски на самиот почеток на седницата за пратенички прашања го загуби трпението. Прашањата од опозицијата зошто се плаши од тоа народот на се произнесе на Референдум за сите прашања и услови поврзани со македонските евроинтеграции го истакнаа краткиот фитил на претседателот на Владата. Наместо одговори, тој почна да навредува дека некои пратеници и покрај образованието, имале празнини во домашната култура и воспитување.

Зошто бегате и зошто се плашите од Референдум – праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Човек може да добие формално образование но ако има празнини во домашно воспитување, тука не можат да му помогнат ни највисоки образовни институции. Барањето за Референдум ви е за партиска употреба. Начинот на едно домашно невоспитување кое што го покаќувате во ова Собрание, само тоа ве доликува – одговори Ковачевски.

Дали ќе бидат цензурирани македонските филмови, песни, серии и се во областа на културата што и смета на Бугарија? Дилемата која ја постави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Стојкова Серафимовска за министерката за култура била само слободна интерпретација.

Јас се надевам дека овој Договор со Бугарија нема да го толкувате како договор за цензура. Јас точно знам, тие работни групи не беа преговори. Знаете што? Соработката со Бугарија одамна постои, ние не измисливме топла вода – одговори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Пред почетокот на седницата, претседателот на Собранието Талат Џафери одржа брифинг со новинарите на кој соопшти дека пратениците од 1 август одат на одмор, а првата нова седница во Парламентот е закажана за 13 август. Тој не сакаше да го коментира барањето на опозицијата за Референдум, ниту најавите на власта за уставни измени. За немањето кворум но и активната блокада од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците треба да си ја заработат платата и да присуствуваат на седниците. На владејачкото мнозинство му порача, проблемите да ги решаваат политички, и да бидат во Парламентот, бидејќи за тоа се избрани од граѓаните.  

Адријана Алексиеска