Едно во опозиција, друго на власт – ни непотизмот не е она што беше

Баџанакот на собранискиот спикер Талат Џафери се вдоми во Антикорупциска, сестрите на министрите за економија и култура во МЕПСО и ЕЛЕМ, ќерката на пратеничката Емилија Александрова во Фондот за иновации.

А најново е дека својата плата од ЕЛЕМ ќе ја зема и синот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска.

-Виктор Стојчевски е примен во редовен работен однос во компанијата по претходно објавен оглас за вработување. За работното место за кое конкурирал, наведениот ги исполнувал сите критериуми наведени во огласот. Комисијата одлучила почитувајќи ги сите законски одредби, велат од ЕЛЕМ.

Според министерот за информатичко општество и администрација овие вработувања не се непотизам, туку спречување на одливот на кадри во странство.

-Еве да се со согласиме дека сепак тоа е проблем, каде да одат тие луѓе? Во ред, еве ви кажувам, ајде да се договориме, да речеме луѓе да ја напуштат државата, изјави Дамјан Манчевски.

На прашање околу изборот на Нури Бајрами, баџанакот на претседателот на Собранието, Талат Џабери, во Антикорупциска, министерот Манчевски одговорноста ја префрли кон јавноста, велејќи дека можела да реагира кога биле интервјуата доколку тоа било проблем.

-На хартија можевме да избереме во ред решенија, кои што ќе ги задоволат законските услови и да се продолжи како порано, вели Манчевски.

Министерката за правда Рената Дескоска пак не гледа ништо противзаконско во изборот на новите антикорпуционери.

-Тука баш и не спаѓа, не се опфаќа овој степен, ако се гледа правно. Но, надвор од тоа, дури и да се опфаќаше, значи немате формално прекршување на законот, постапката беше законита, изјави Дескоска.

За министерот за економија, не е непотизам вработувањето на неговата сестра во МЕПСО. Крешник Бектеши вели дека тоа што оваа институција не била под ингеренции на неговото министерство, значи дека тој не можел да реагира за нејзиното вработување.

-Јас не можам ни да имам некое влијание ни во Владата, ни во Министерството за економија, каде што сум да одговарам. А што се однесува дали ќе дадам оставка, јас не верувам дека треба да се даде оставка зошто ние отвораме нови работни места, каде имаат право сите да конкурираат и да се вработуваат, изјави Бектеши.

Додека Манчевски вели дека Владата вработувајќи роднини на функционери во државната администрација, спречува иселување на кадри, најдобриот студент на Факултетот на за безбедност и мир, Ерблин Браими вели дека размислува да ја напушти државата, откако за него немало во место во редовите на идните детективи на последниот јавен оглас.

Матеја Петровски