Една година татко на Скопје – што сработи Петре Шилегов?

Смет низ улиците, кучиња на секој чекор, наезди на комарци, сè помалку зеленило, а и Водно се уништува поради гасоводот, реагираат скопјани. Пред објективот на Алфа граѓаните коментираат „градските власти слабо се грижат за метрополата“.

Скопјани велат дека проблемот со уличните кучињата не е сложен за решавање.

Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ обвинуваат дека градоначалникот досега не направил ништо од она што го ветил. Од таму се категорични дека решение има, но недостига волја.

Градските власти обично постапуваат обратно од она што го предлагаат здруженијата, велат активистите од „Го сакам Водно“.

Во текот на предизборната кампања градоначалникот Шилегов вети дека соголените делови на Водно ќе се пошумат и планината ќе биде рекреативна зелена оаза.

Но, големиот број на ветувања, за кои нема предвидено рок за реализација, за чиста, зелена, функционална и „паметна“ метропола, засега остануваат само на хартија.

Сања Трајковска Ставров