Еден месец од несреќата кај Ласкарци, причината се уште непозната

Точно еден месец по стравичната несреќа кај Ласкарци – причините остануваат непознати. Од Обвинителството за Алфа велат дека предметот се уште е во предистражна постапка и дека засега не може да споделат детали.

Преземени се голем број дејствија – испитани се повеќе сведоци, меѓу кои и сите патници чија здравствена состојба до овој момент дозволува да дадат свој исказ, пристигнати се обдукциските протоколи за починатите лица, а во тек е обезбедувањето на медицинската документација за повредените – валат за Алфа од ОЈО.

Машинскиот и електротехничкиот факултет завршиле со вештачењето на автобусот и целата документација сега е во рацете на обвинителите.

Автобусот на „Дурмо турс“ поминал технички преглед еден месец пред трагичниот настан, но тој бил извршен од компанија сопственост на истиот газда.

49 годишниот возач, кој имаше полесни повреди, бил во добра здравствена состојба пред несреќата, кај него не беа најдени траги од алкохол или други супстанци. Предистрагата засега нема утврдено одговорност кај него. Поради сериозни закани по неговиот живот тој е под постојана полициска заштита.

Во несреќата што се случи на 13-ти февруари кај Ласкарци загинаа 15 луѓе а над 30 беа повредени.

И по еден месец во болница останува еден пациент, 19 годишна девојка на која и беше ампутирана ногата.

Јована Грчева