Еден загинат во сообраќајка меѓу комби и автобус на патот Велес – Штип

Во моментот на несреќата 15 патници биле во автобусот кој се движел во правец кон Штип. Неофицијално автобусот имал кратовски регистарски таблички, а патниците оделе на одмор во Бугарија.

Со автобусот директно се судрило товарно комби со скопски ознаки. Загинатиот е возачот на комбито во кое немало други патници. Повредени има десетина лица кои со возила на брза помош се пренесуваат на хируршкото одделение на велешката болница, а помага и противпожарната единица.

Полицијата врши увид и засега не соопштува детали за несреќата која се случила околу 20.20 часот кај село Мамутчево кај клучката за Ново Село на регионалниот пат Велес – Штип. Информации засега нема ни од дежурните лекари во Општата болница Велес.