Еден автомобил, два резервоара?! Како точи директор во железница?
Директорот за економски и финансиски работи во Македонски железници, Шенур Османи, во истото службено возило, во исто време полнел и дизел и бензин.
Според испратниците до кои дојде Алфа ТВ, директорот на 28.09.2020та година во 14 часот и 4 минути наполнил 42 литри дизел, за една минута подоцна, во 14 часот и 5 минути, во истото службено возило да наполни 55 литри бензин. За јавноста е непознато како наполнил два резервоара различно моторно гориво во истото возило во рок од една минута разлика, што ги подгрева сомнежите дека Шенур полнел гориво платено со народни пари, во приватно возило, за лични потреби.
Алфа се обиде да добие одговори од директорот телефонски и по електронски пат, но неуспешно. Воедно, телефонската слушалка немаше кој да ја крене ни на телефонскиот број за пристап до информации од јавен карактер во македонски железници.
Ова не е единствениот пример каде функцинери во државните претпријатија и институции биле под сомнеж дека со народни пари си точеле гориво во приватни автомобили за лични потреби.
Алфа ТВ пред три месеци го објави скандалот на поранешната директорка на државниот здравствен и санитарен инспекторат, Иринка Сотирво Бухова, дека во своето службено возило успевала да наполни и бензин и дизел. Дека со ваквата пракса се служела подолг временски период, како и дека со службената картичка точела повеќе гориво отколку што собира резервоарот на нејзината службена кола.