Европол идентификуваше повеќе од 240 деца – жртви на злоставување

Во сеопфатна операција на Европол, во која учествуваа истражители од дваесетина земји, откриени се повеќе од 240 деца, кои од 2014 година биле жртви на сексуална злоупотреба во светот, соопшти денеска Европската полициска агенција.

Ова е првпат Европол да објави податоци собрани од работната група за идентификација на жртвите на сексуална злоупотреба. Петтата операција на таа група, која трае две недели, завршува в петок.

– Европската агенција, благодарение на тие истраги успеа да пронајде и спаси 241 жртва во светот во последните четири години, изјави Фернандо Руиз, директор на Канцеларијата на Европол за борба против информатички криминал.

– Поднесени се кривични пријави против 94 осомничени лица во 28 земји, изјави Руиз.

Во 2018 година, во операцијата учествувале 27 истражители од 21 земја, вклучувајќи ги САД и Австралија.