});

Европејците живеат подолго, но се подебели и премногу пијат и пушат

Жителите на Европа живеат подолго, се наведува во извештајот на Европската здравствена агенција, но и се предупредува дека напредокот го загрозуваат ризик факторите, меѓу кои и пушењето и дебелината.

Здравствениот извештај покажува дека просечната очекувана должина на животот во 2015 година била 77,9 години, што е за една година подолго во однос на 2010 година.

Меѓутоа, постои јаз од повеќе од 11 години меѓу земјите со највисок и најнизок очекуван животен век. Во Луксембург животниот век е 83,1 година во споредба со 71,6 во Молдавија.

Извештајот го објави европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) со седиште во Копенхаген, која опфаќа 53 земји.

Во Извештајот се напоменува дека во Европа има најголем процент на пушачи меѓу шестте региони на СЗО. Во 2013 година во Европа просечно 29 проценти лица биле пушачи преку 15 години.

Пиењето алкохол меѓу останатите е исто така повеќе во Европа отколку каде било во светот, се наведува во извештајот со додаток дека во 2014 година во просек биле испиени 8,5 литри алкохол по лице.

Повеќе од половината жители на Европа, речиси 59 отсто, се сметаат за предебели во 2016 година.