Евентуалните нерегуларности од референдумот нема да се разгледуваат во Собранието, 60 пратеници гласаа против

Собранието нема да ги разгледува евентуалните нерегуларности на референдумскиот ден, откако денеска на пленарна седница беше одбиена предлог одлуката за основање на анкетна комисија за испитување на целокупниот процес на референдумското изјаснување.

Со 60 гласа „против“ и осум „за“, предлогот даден од позициската ВМРО-ДПМНЕ не помина на собраниска седница.

Дека има сериозни сомнежи за евентуални нерегуларности потврди и претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, кој кажа дека записници за прием од неколку сомнителни избирачки места не ги потпишал и го повика Јавното обвинителство да поведе истрага.

-Онаму каде што имате 95-6 проценти излесност на гласачките места, посебно во општината Сарај е индикативно, каде што на повеќето избирачки места е гласањето преку 90 проценти, јас како претседател на ДИК не го потпишав тој записник за прием. И сметам дека јавното обвинителство на Република Македонија, сега веќе има доста допрени гласови, не еден допрен, туку повеќе допрени гласови, доколку увиди дека има потреба, а има веќе и кривични пријави треба да покрене истраги, изјави Деркоски.

Сомнежи за евентуални нерегуларности и полнење на гласачките кутии најмногу доаѓаат од неколку избирачки места во општината Сарај, каде излезноста беше над неверојатни 90 проценти.

Матеја Петровски