„Дурмо турс“ сам на себе си вршел технички преглед на возилата

„Дурмо турс“ сам на себе си вршел технички преглед на возилата. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека компанијата ги праќала автобусите на технички прегледи во Авто-мото здружение АМЗ Гостивар, фирма во сопственост на истите газди.

Оваа информација уште повеќе ја зголеми загриженоста кај јавноста дали автобусите навистина биле проверени според сите прописи, дали биле технички исправни и смееле да возат или само формално ги поминувале контролите.

Законот не им забранува на превозниците како „Дурмо турс“ контролите да не можат да ги вршат во истата фирма, но и не им наложува во вакви случаи да мораат да ги праќаат автобусите во други станици за технички преглед, па затоа со години ова било пракса не само на „Дурмо турс“, туку и на други превозници.

Според податоците од Централниот регистар, лицето Дурмиш Белули ја основал „Дурмо турс“ во октомври 1992-та година, а 6 години подоцна , во декември 1998-та се јавува и како управител на Авто мото друштвото во Гостивар кое потоа било затворено. На официјалната интернет страница на АМЗ Гостивар стои дека туристичката компанија „Дурмо турс“ под раководство на браќата Белули повторно го ставиле АМЗ во функција во ноември 2017-та година.

Од Државниот инспекторат за транспорт велат дека компанијата уредно поседувала 4 лиценци за превоз, 2  за внатрешен и 2 за надворешен транспорт. Овие лиценци имаат рок на траење од 5 години, а техничките прегледи се вршеле два пати годишно. Врз основа на потврдената техничка исправност на возилата, министерството за транспорт ги издало лиценците за превоз. „Дурмо турс“ оперирал со 40 лиценцирани автобуси.

Тања Попова