ДУИ со „План Б“ за уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ ги потсети – нема уставни измени под бугарски диктат
Бујар Османи има план – Б ако не успеат да ги убедат пратениците од опозицијата да гласаат за уставните измени. Со Мицкоски или без, првиот дипломат е дециден дека целта, Бугарите во Уставот, ќе биде постигната. Кој е алтернативниот план за сега не открива. Уште еднаш ја повтори понудата до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Да гласаат за уставните измени и ДУИ веднаш штом ќе стапат на сила, ќе ја напушти Владата.
Подготвени сме на се. Еве од се се откажуваме, само да гласаат за уставни измени. Дури и од позициите во техничката Влада. Со него или без него, уставни измени ќе има. Не е време за политички игри, да ги држиме во заложништво два милиони луѓе – рече шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
Освен стапувањето на сила на уставните измени пред втората меѓувладина конференција, ДУИ бара истрага на сите политички партии, без исклучок, почнувајќи од лидерите па се до сите партиски и државни функционери.На помош ќе дојде и меѓународната заедница.
Со меѓународна, со внатрешна истрага, сите партиски лидери, функционери, членови на претседателства. И Ахмети, и Ковачевски, Мицкоски, и јас, сите. Стана премногу често злоупотребувањето на функциите, претерано е. Ајде да видиме кој е маж – додаде Османи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уверува дека кој било од двата нивни предлози водат до врза интеграција на земјава во ЕУ. Брзи предвремени избори на есен, или уставни измени со одложена примена кога ќе влеземе во ЕУ.
Нејасно е зошто СДС не прифаќа предлози, кои значат брза интеграција на Македонија во Унијата и заштита на идентитетот. Дали проблемот е тоа што ДУИ треба да оди во опозиција или проблем се нови отстапки кои имаат во план да ги прават? Уште еднаш јасно и недвосмислено порачуваме. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под бугарски диктат. Единствен начин за излез од кризата е прифаќање на еден од двата предлози – рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
За понудата на Османи да го отстапи местото Албанец премиер на ВМРО-ДПМНЕ велат дека е најјасен доказ дека вистинскиот газда во владата е ДУИ
Адријана Алексиеска