ДУИ(нг) бизнис со „Арберија дизајн“: Омилената фирма на Ахмети за три години добила 6 милиони евра државни пари на македонските граѓани

100-те илјади евра за прославата на Рамковниот договор се само капка во морето државни милиони кои легнале на сметката на омилената фирма на ДУИ. Арберија дизајн од 2020-та па до сега од буџетот на Македонија инкасирала нешто повеќе од 6 милиони евра.

Тендерите ги добиваат од голем број институции, најголем дел предовдени од кадри на Али Ахмети. Најплодна година за Арберија била 2020-та, кога инкасирале државни речиси 2 милиони евра. Таа година најголемиот дел од парите односно нешто помалку 1,9 милиони евра ги добиле од Министерството за образование и тоа во постапка без претходен оглас, каде би можеле да конкурираат и други правни лица.

-Предмет на овој договор е откуп на учебници и придружен дидактички и работен материјал за основно образование за учебната 2020/2021, согласно Одлуката за спроведување на постапката со преговарање без претходно објавување на оглас за откуп на учебниви и придружен дидактички и пработен материјал за основно образование за учебната 2020/2021, пишува во договорот меѓу Министерството за образование и наука и Арберија дизајн.

Арберија дизајн според тендерите кои ги добила очигледно е суперуспешна во речиси сите сектори. Па така од Државна лотарија преку една јавна набавка добиле речиси 300.000 евра за маркетинг услуги.

-Предмет на оваа Спогодба е јавна набавка на услуги од маркетинг агенција за ребрендинг на корпоративен бренд и рекламна кампања, согласно описот и техничката спецификација, за период од 12 месеци, пишува во договорот меѓу Државна Лотарија и Арберија дизајн.

Од откуп на учебници за МОН, па преку маркетинг услугите за Лотарија, Арберија работи и на технички работи во Министерството за надворешни работи. За снимање видеа и емитување во живо од секторот на Османи, преку еден тендер добиле нешто помалку од 140 илјади евра.

-Предмет на договорот е набавка на услуги за изнајмување на техничка опрема за поддршка на настани и техничка обработка за аудио- видео продукција и пренос на истата во живо за потреби на Министерството за надворешни работи, пишува во договорот меѓу Министерството за надворешни работи и Арберија дизајн.

Како што е веќе познато Арберија знае да организира и прослави. За годишнината од рамковниот договор лани доби 500.000 евра, додека годинава ќе поминат нешто поскромно со само 100.000 евра од Министерството за политички систем на првиот вицепремиер Артан Груби.

-Предмет на овој договор е уредувањето на правата и обврские меѓу Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците од една страна како договорен орган и друштвото за продукција, маркетинг, дизајн, промет и услуги Арберија дизајн од друга страна како носител на набавката, а кои произлегуваат од склучување на овој договор за јавна набавка на услуги за организирање на манифестацијата по повод 22 годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, пишува во договорот меѓу Министерството за политички систем и Арберија дизајн.

Инаку, токму Арберија е најголемиот донатор на ДУИ од 2015-та година. Но, функционирите од партијата на Ахмети не сакаат да говорат околу оваа фирма. Во септември минатата година, кога постоеја шпекулации дека го добиле тендерот за печатење на учебниците, беше запрашан и Груби, но не беше расположен да говори.

-Не знам. Како да демантирам или да потврдам кога не знам. Не сум во тек со тоа, изјави Груби на 03.09.2022-ра година.

Оваа се уште незавршена 2023-та досега е најскромна за Арберија. До крајот на јули годинава од државата добиле нешто помалку од 600 илјади евра.

Матеја Петровски

Advertisements