Дузина институции распишуваат огласи- нов бран партиски вработувања?

Нов бран вработувања во администрацијата – секретаријатот за европски прашања за плати од 20 до 31 илјада денари бараат четворица службеници и девет раководители.

Иако сегашната власт во своите опозициски денови велеше дека државната администрација е партиски преполнета и дека треба нејзино кратење, во последните година дена како сосема да го смени својот став.

-Ако има институција која што треба да се спреми кадровски, тоа е Секретаријатот за европски прашања, изјави Османи.

Администрацијата веќе не е преполнета ниту за министерот за транспорт и врски, за него сега потребни се нови вработувања во неговото министерство, тој напомена дека покрај новите вработувања, таму ќе има и десет унапредувања на досега вработени.

-Има нови во тие предвидено, затоа што во изминатиот период од година, година и пол тие места се испразнети по пат на пензионирање и нормално потребата која што ја има Министерството за транспорт и врски, изјави Сугарески.

Бранот новогодишни вработувања во администрација, опфаќа повеќе државни институции и јавни претпријатија. Во деновите по Нова година објавени се огласи за повеќе од 130 нови работни позиции. Само јавното претпријатие за државни патишта и покрај најавата за воведување електронски систем на патарините, токму таму бара нови 84 работници, како и 16 советници.

Нови референти, советници, инспектори се бараат и во УХМР, Платежната агенција, Дирекцијата за безбедност и класификација на информации, Агенцијата за лекови, Агенцијата за вработување, а оглас за осум нови работни места има и во Казнено поправниот дом- Идризово, како и Царинската управа, каде се бара советник на директорот за плата од примамливи 46 илјади денари. Во Царина огласи за 58 нови вработени за плата од 23 до 34 илјади денари, беа распишани и во октомври 2018 година.

Огласи распишаа и Дирекцијата за заштита и спасување, Ревизорското тело за ревизија на предпристапната помош ќе пополни 3 работни позиции, а 4 советници и еден виш соработник ќе вработи и Дирекцијата за технолошко индустриски зони.

Овие вработувања од Заев беа најавени уште во 2010 година, кога покрај партиското загрижување за активисти на СДСМ, најави и бркање на оние од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако почитувани социјалдемократи пред се, ве прашаат што со пренатрупаната државна администрација од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Да им кажете дека Заев беше во Валандово и рече дека ќе ги бркаме, ќе ги избркаме од работа и тоа да го знаат. Свесни сме ако сакаме да бидеме на власт, ќе влеземе тимски, од хигиеничар до министер, во секој ресор во државата, изјави сега премиерот, тогаш опозиционер, Зоран Заев на 18 декември 2010 година.

Додека во администрацијата секојдневно се објавуваат огласи за нови вработувања, оние кои се веќе таму се жалат на силни притисоци и казни од своите надредени, а посебен проблем за нив во моментов е што не работи второстепената комисија за поплаки и жалби.

Матеја Петровски